Blog Series

English language version

Дигиталното и онлајн учење (ДОУ) и иновациите во наставата и учењето не се едно и исто. Иновацијата во наставата и учењето подразбира воведување нови процеси, цели, ресурси, пристапи или релации во наставата и учењето. ДОУ не мора да вклучува нешто ново. Пренесувањето на наставните материјали во дигитален формат и нивното пристапување преку Интернет може но и не мора да доведе до промени во наставата и учењето и, што е уште поважно, тие промени може негативно или позитивно да влијаат врз резултатите од учењето и благосостојбата на едукаторите и учениците. Понекогаш ДОУ помага, како на пример за време на заклучувањето заради КОВИД, ДОУ обезбеди минимално, но сепак суштинско продолжување на образованието, преку поставување и емитување видео лекции. Во други прилики, ДОУ се користи за да се репродуцира конвенционалната настава во училница во нова околина, како на пример во синхрона видео настава.

Сепак, ДОУ не мора да бидат активности кои што пополнуваат некоја празнина, туку ДОУ може да води кон иновации што произведуваат придобивки и за едукаторите и за учениците. На пример, ДОУ може да води кон поиндивидуализирана настава, повеќе стимулативни ресурси за учење, повеќе интеракции помеѓу учениците и повеќе формативно оценување. Во текот на претходната година и половина од пандемијата на КОВИД, целиот свет на образованието се префрли онлајн. Главно, активностите кои порано беа лице во лице, сега се прилагодија на онлајн околина. Видовме многу примери на ДОУ што се користи како за пополнување празнини, но видовме и многу училишта и едукатори како го користат ДОУ за да ја подобрат наставата и учењето. Во исто време, бевме сведоци и на некои интересни иновации.

Некои едукатори користеа ДОУ за да им помогнат на учениците да учат по сопствено темпо: да ги завршат задачите во свое време, да се вратат за да ги проверат или да ги повторат задачите или да следат различни патеки или вежби со цел да го совладаат материјалот. Иновативните материјали за ДОУ го овозможуваат учењето кое го става ученикот во центарот, а во исто време овозможуваат индивидуално и диференцирано учење. Исто така, ДОУ може да го подобрат пристапот до учење за учениците во неповолна положба, ученици од тешко достапни средини и учениците со тешкотии во учењето, било да се привремени или трајни, преку пристап до достапни материјали што можат да се користат на различни платформи, во одбрано време и темпо од страна на корисникот. Користењето на ДОУ ќе им овозможи поголема инклузивност во образованието на различни ученици и ќе му овозможи на секој ученик да го достигне сопствениот индивидуален потенцијал.

Материјалите за ДОУ можат да бидат многу корисни и во оценувањето. Учениците можат да полагаат дигитални тестови или квизови и веднаш да добијат повратни информации. Во исто време, наставникот ќе добие и може да анализира податоци за напредокот на своите ученици и ќе може соодветно да ги прилагоди идните активности. Се повеќе, програмите со вештачка интелигенција можат да ги прилагодат дигиталните задачи според оваа анализа. ДОУ им помага на едукаторите и учениците да создадат повеќе диференцирани програми за учење каде чекорите за учење одговараат на напредокот и тешкотиите со кои се среќаваат учениците. Сепак, неодамнешното истражување спроведено од ЕТФ покажува дека иако ДОУ материјалите за дигитално оценување имаат голем потенцијал, тоа е една од најмалку користените ДОУ технологии во последните 12 месеци. Истражувањата веќе повеќе години ја потенцираат важноста и потребата од повеќе формативно оценување. Сега ДОУ и КОВИД даваат можност да се направат токму тоа. Сепак, полесно е да се каже отколку да се направи. Постојат многу предуслови: пристап до компјутери, соодветен софтвер, инструменти за оценување, протоколи за анализа. Треба да се развијат специфични активности за професионален развој за едукаторите да можат да подготват и имплементираат ДОУ материјали/активности за оценување.

Преземањето, споделувањето и успешната употреба на ДОУ материјали се соочуваат со уште една пречка што треба да се надмине: јазичната бариера. Мнозинството дигитални ресурси и алатки се на англиски јазик, така што повеќето едукатори и ученици се во неповолна положба. За да се искористи целосниот потенцијал на ДОУ и да може да се иновира наставата и учењето, треба да се создадат услови за подготовка на разни дигитални алатки/активности на мајчин јазик. Меѓународната соработка помеѓу едукаторите може да им помогне да откријат какви ресурси постојат на други јазици и што од тоа можат самите да искористат. Подобрувањето на машинскиот превод и целосно отворените образовни ресурси (што може да се преведуваат) може да помогнат.

На крајот на 2020 година, ЕТФ спроведе истражување за дигитални компетенции на едукаторите во средното образование. Наодите во Северна Македонија, каде што живеам, се дека скоро 70% од македонските едукатори често користеле софтвер за виртуелна училница (на пр. MS Teams, Google Class, MOODLE) и 60% од македонските едукатори често користеле синхрони алатки за видео-комуникација (на пр. ZOOM, Skype, WhatsApp, Facebook во живо). Овие бројки се малку повисоки од просекот во регионот - 65% од едукаторите од регионот на Југоисточна Европа често користеле софтвер за виртуелна училница, а 55% едукатори од регионот често користеле синхрони алатки за видео-комуникација. Овие резултати откриваат колку напредувале едукаторите за 12 месеци и ни ги покажуваат и границите. Можеме да се гордееме со она што нашите едукатори го постигнаа, но и треба да сме свесни за потенцијалот за успешна иновација што треба да се постигне. Не треба да го заборавиме неверојатното оптоварување кое е вклучено во започнување на применување на ДОУ. Јасно е дека во иднина, едукаторите треба да бидат поддржани да работат заедно - во нивните училишта, но и помеѓу училишта за подобро разбирање и реализација на можностите за иновации.

Ве молиме, споделете ги вашите ставови за иновациите и ДОУ. На пример:

1) Дали сте имале позитивни или негативни искуства за иновации со ДОУ?

2) Како научивте за добра практика при користење на ДОУ во наставата и учењето?

3) Какви видови на ДОУ мислите дека се најинтересни за вашите ученици?


Назад до почетната страна на Заедницата на иновативни наставници

Be the first one to comment


Please log in or sign up to comment.