Blog Series

 

To English version

 

Мислам дека сите се согласуваме дека екс-катедра наставата, наставата со предавање лекција за „просечниот“ ученик е неефикасна и фрустрирачка и за наставниците и за учениците. Различни пристапи и материјали мотивираат различни ученици; секој ученик сака да постигне различни цели; различни ученици имаат различни стилови на учење. И покрај ова, многу наставници продолжуваат да поминуваат голем дел од своето време реализирајќи ја наставата на недиференциран начин - можеби затоа што не се чувствуваат способни да се променат, или не знаат како, или сметаат дека тоа би вклучувало премногу дополнителна работа.

За среќа, постојат голем број истражувања што им помагаат на наставниците да ја прилагодат својата настава и лесно да направат дополнителни промени. Томлинсон, водечки експерт за диференцирано учење, дава корисно објаснување. Диференцирана настава е настава што ги зема предвид стиловите на учење и нивоата на подготвеност на учениците, пред да се пристапи кон дизајнирање на часовите, што обично обезбедува разновидни пристапи за различни групи ученици. Персонализираното учење, од друга страна, подразбира дека целите, потребите и интересите на секој поединец се земаат во предвид кога се обликува начинот на кој тој поединец учи.

И двата пристапи бараат од наставниците да имаат ажурирано знаење за своите ученици – што учениците веќе знаат, што разбираат или не разбираат, што вреднуваат, како учат. Ако класовите се големи и ако има широк спектар на способности и искуства меѓу учениците, тешко е наставникот да ги запознае своите ученици доволно добро и да го одржува ова знаење постојано. На наставниците им се потребни алатки или процеси за да им помогнат да го добијат ова знаење за учениците. Еден начин е преку создавањето на индивидуални планови за учење. Индивидуалните планови за учење ги креираат учениците при што ги вклучуваат своите интереси и претпочитани стилови на учење. Друг начин е наставникот да ги искористи воннаставните активности како што се клубови и спорт и неформални разговори за да научи за учениците. Сепак, сето ова бара подготовка и време.

Image removed.

Диференцираната настава може да се постигне на еден или повеќе различни начини:

- Диференцирани цели од учење - Со оглед на тоа што различни групи на ученици имаат различни претходни нивоа на знаење и разбирање, тие се договараат меѓусебе и со наставникот и определуваат сопствени диференцирани цели од учењето според кои ги насочуваат соодветните задачи за учење. Целите од учењето ќе се одбираат така што на крајот сите ученици ќе ги постигнат бараните резултати од учењето.

- Диференциран процес - учениците ги имаат истите резултати од учењето но според нивните претпочитани стилови или ситуации за учење, им се доделуваат различни материјали или методи на учење. Диференцираниот процес, исто така, може да вклучи различна поддршка за групи на ученици врз основа на нивните потреби - поддршка од врсници, работа во групи, можност за индивидуална работа или поддршка од наставникот.

- Диференцирани продукти од учењето - различни групи на ученици добиваат задачи да направат различни продукти за да ги демонстираат резултатите од учењето според нивните способности за учење и потреби. Понапредните ученици можат да добијат попредизвикувачки или посложени продукти. Карактерот на продуктот - без разлика дали е извештај, презентација, симулација или модел - може да се прилагоди. Учениците можат да бидат распоредени во групи со групен продукт или можат да изберат свој индивидуален продукт.

- Диференцирана средина за учење - Условите за оптимално учење варираат од личност до личност. Некои бараат тишина и приватност, други работат подобро во група; некои се попродуктивни кога слушаат музика, некои сакаат да седат, други подобро размислуваат додека чекорат. Наставникот треба да биде способен да обезбеди флексибилна училница со можност за различна организација која ќе може да поддржи што е можно повеќе различни средини за учење.

Додека предавав во средно стручно училиште пред неколку години, мојот најуспешен пристап беше комбинација на диференцирани продукти од учењето со персонализирано учење. Им давав на учениците да изберат диференциран продукт што беше соодветен за нив, со оглед на нивната постоечка способност и им давав насоки и материјали за да го постигнат саканото учење. Потоа тие сами одлучаваа за индивидуалниот или групниот продукт од учење што ќе ја прикаже нивната патека на учење. Разговарав со нив за нивните патеки за учење и избор на продукт, а потоа тие почнуваа да работат независно и под мој надзор. На учениците им се допаѓаше слободата на избор, автономијата на работа и учење, а исто така и одговорноста за конечниот продукт/достигнување.

Многу наставници редовно користат групна работа со цел да се оддалечат од пристапот на екс-катедра. Учениците можат да се групираат заедно за да поддржат една или повеќе форми на диференцирана настава наведени погоре. Ако учениците со заеднички потреби и цели работат заедно, тогаш може да им се дадат исти задачи и материјали. Од друга страна, ако ученици со различни потреби и задачи работат заедно, тогаш постојат можности за врсничко туторство од кое учениците можат да стекнат низа клучни вештини. Наставниците треба да бидат адаптабилни, да ги групираат и пре-групираат учениците во согласност со целите и искуствата.

Учењето преку проекти е особено добро прилагодено за групно учење. Во овој случај, учениците имаат заедничка цел, но различни задачи, па затоа е природно да се поддржуваат едни со други. На овој начин, одредени ученици можат да добијат постојана персонализирана помош во учењето од членовите на групата - нешто што е практично невозможно да го направи еден наставник кој оддржува настава во клас од 25 или повеќе ученици. Работата на проекти често им овозможува на групите да преземат сопственост врз нивните задачи за учење, што ги прави поодговорни за своето учење, но и за учењето на сите членови на групата.

Ве молам, споделете некои од вашите ставови и искуства во коментар подолу или во посебен блог.

1. Како подобро ги запознавате вашите ученици за да можете соодветно да ја прилагодите вашата настава?

2. Дали сте се обиделе да ја диференцирате наставата на кој било од горенаведените начини? Кој беше најуспешен начин?

3. Какво е вашето искуство со користење на учење преку проекти со вашите ученици?

---------------------------------------

Вратете се во Заедницата на иновативни едукатори

 

Be the first one to comment


Please log in or sign up to comment.